ПОВЕЌЕ ЗА НАС


Натура МК е здружение на граѓани, со мисија да застапува, спроведува и поддржува решенија со кои луѓето ќе бидат подобро поврзани со природата. Нашата визија е да создадеме поинаков свет во кој луѓето живеат во хармонија со природата.

Здружението е основано во 2018 година од група ентузијасти со визија да граѓаните на Република Северна Македонија живеат во хармонија со природата. Организацијата е активна на локално ниво во тесна соработка со локални партнерски организации, како и на национално ниво во соработка со релевантните државни институции и граѓански организации.

Организацијата е релативно млада и го гради своето искуство првично преку индивидуалните искуства на своите членови. Организацијата моментално брои 14 членови со диверзифицирано искуство, 8 волонтери, еден вработен координатор на проекти и по потреба ангажирани лица за поддршка во одржување на видливоста и финансиското работење.

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2021-MK

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2020-MK


Натура МК делува во области кои се тесно поврзани со подобрување на квалитетот на живот и тоа:

Зајакнување на капацитетите за одржливо користење и заштита на природните ресурси

Спроведување на истражувања, анализи и студии

Лобирање и застапување


Унапредување на рурален развој и алтернативен туризам

Промоција и унапредување на екологијата, спортот и образованието

Поттикнување на филантропијата и волонтерството

Нашиот ТИМ


м-р Бојан Ранташа

Советник за туризам и вклучување на засегнатите страни

Повеќе од 15 години професионално искуство во областа на партиципативно управување со природните ресурси и во одржллив туризам. Работно искуство со вклучување на засегнатите чинители, развој на партиципативна шумарска политика, фацилитирање на процеси со повеќе чинители, развој на производи за одржлив туризам, комуникација на климатки промени и анализа и проценка на пазарот. Истражувачко искуство во социологија на руралното. Знаење за земјоделска економија, наплата на екосистемски услуги, управување со заштитени подрачја и рзвој на бизнис. Широко разбирање за заштита на биолошката разновидонст, пристапот на системско размислување, и примена на географски технологии и далечинска детекција. Вештини во менаџирање на проекти, евалуација и само-евалуациски техники, комуницирање на резултати и дисеминација.


дипл.екон. Весна Талевска

Финансиски менаџмент

Овластен сметководител, дипломиран економист. Долгогодишно искуство во работа со финансии, буџетирање и известување на различни граѓански организации. Вклучена во финансиското работење на Натура МК од 2018 со поставување на систем за финансиско управување преку подготовка на парични текови за проекти и годишен готовински тек на организацијата. Одговорна за редовна вкрстена проверка помеѓу спроведувањето на активностите и финансиските прегледи.


диа Александар Панајотов

Проектен координатор и администрација

Административна поддршка на организацијата од 2018 која вклучува и дизајн, промоција и одржување на видливоста на организацијата. Искуство во раководење со проектен циклус и управување на Европски пректи. Поседува вештини за истражување и анализа на податоци.

ПРОЕКТИ


 

Ноември 2021 - Јуни 2022

Вевчански Извори

Поддршка за ефикасна и ефективна имплементација на планот за управување со заштитеното подрачје.

Прочитај повеќе

Во периодот од ноември 2021 до јуни 2022, Натура МК и Еко-Свест како главен носител на проектот, работат на вклучување на граѓанска наука во процесот на управување и мониторирање на заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ со главна цел да се осигури ефикасна и ефективна имплементација на планот за управување со заштитеното подрачје. Целта ќе се оствари преку:
− Граѓанско мапирање на важни видови кое ќе овозможи ефективна заштита во Споменикот на природата „Вевчански извори“;
- Едукација на граѓани и посетители за заштита на животната средина и природните ресурси во заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“.

Активностите се дел од проектот „Граѓанска наука во служба на заштита на биодиверзитетот“, финансиски поддржан од PONT и CEPF.

ГАЛЕРИЈА
МАТЕРИЈАЛИ

 

Септември 2021

Стратешка рамка на ПОНТ

Поддршка на ПОНТ со јавни консултации на стратешката рамка ПОНТ за поширокото охридско подрачје во Северна Македонија.

Прочитај повеќе

Во рамки на проектот „Консултација на стратешката рамка ПОНТ за пошироката охридска област во Северна Македонија“, финансиран од ПОНТ, Натура МК во септември 2021 ги спроведе следниве активности:
− Поддршка на ПОНТ во консултациите со јавноста за неговата нацрт Стратешка рамка на поширокото охридско подрачје;
- Прибирање информации од националните власти, истражувачките институти, невладините организации на национално ниво и општините;
- Прибирање податоци од заштитени подрачја и локалните организации кои работат во областа на заштита на животната средина идентификувани во Физибилити студијата за проширување на ПОНТ во поширокото охридско подрачје;
- Организација на финална онлајн прекугранична работилница.

 

Мај 2021 - Октомври 2021

Зборува Шара

Подобрување на информираноста на локалното население и подигање на јавната свест за Националниот Парк Шар Планина.

Прочитај повеќе

Во рамките на Програмата за инвестирање во животната средина за 2021 година на Министерството за животна средина и просторно планирање, Натура МК го спроведува проектот „Зборува Шара“ во периодот од 25.05.2021 до 25.10.2021 година. Главна цел на проектот е да ја подобри информираноста на локалното население и да се подигне јавната свест за бенефитите и дозволените/забранетите активности, како и нивната вклученост во заштитата на Националниот Парк Шар Планина.

Информираноста на локалното население ќе се постигне преку следните два резултати:
1. Подготвен сет на информативни алатки со кои ќе се пренесат придобивките и можните ограничувања од идниот национален парк;
2. Промовирани материјали и подигната свест кај локалното население.

Проектните резултати ќе бидат насочени кон локалното население од планински села долж целата територија на Шар Планина со фокус на сточари, сопственици на шуми, ливади, земјоделско земјиште и собирачи на други шумски производи и даватели на туристички услуги.

ВИДЕО

 

Април 2021 - Јуни 2021

Управување со заштитени подрачја

Подобрување на управувањето со заштитените подрачја во Северна Македонија.

Прочитај повеќе

Натура МК спроведува две активности во периодот од април 2021 година до јуни 2021 година кои ќе придонесат за подобрување на управувањето со заштитените подрачја во земјата:
• Програма за обука за ренџери на заштитени подрачја во Северна Македонија;
• Кампања за информирање насочена кон локалното население кое живее на Шар Планина.

Активностите ќе бидат организирани во рамките на проектот „Проект за постигнување зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефективно управување со заштитени области и вклучување на биодиверзитетот во планирање на употребата на земјиштето“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ) и спроведен преку Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како главен партнер и корисник.

 

Април 2021 - Октомври 2021

Национален Парк Шара

Поддршка при подготовка на план за управување со НП Шара.

Прочитај повеќе

Во периодот од април 2021 година до октомври 2021 година, Натура МК е ангажирана од Меѓународната унија за зачувување на природата – IUCN, да обезбеди поддршка при подготовката на планот за управување на предложениот нов Национален парк во Северна Македонија, на територијата на Шар Планина.

Во рамките на ангажманот ќе се проведуваат следните активности:
• Финализирање на методологијата за развој на план за управување со предложеното заштитено подрачје;
• Придонес во подготовка на делови од нацрт планот за управување;
• Поврзување со локалните власти и локалните засегнати страни;
• Придонес во подготовката на програмите во рамките на планот за управување;
• Да обезбеди комуникациска поддршка помеѓу проектниот тим и локалните засегнати страни;
• По потреба да обезбеди логистичка поддршка за реализација на проектните активности и експертскиот тим;
• Организација и фасилитирање на работилници за консултации со засегнатите страни.

Сите задачи ќе бидат спроведени во соработка со IUCN, клучниот експерт и во директна комуникација со сите засегнати страни на сите нивоа во регионот Шар Планина.

Во насока на добро управување со локалните ресурси, оваа иницијатива има за цел да придонесе кон создавање соработка помеѓу локалните засегнати страни и идното управување со националниот парк. Активноста на проектот се спроведува во рамките на проектот „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку воспоставување и ефективно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето”. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), спроведен преку Програмата за животна средина на ООН (УНЕП), главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), додека партнер во спроведувањето на оваа проектна активност се IUCN и Натура МК.

 

Март 2021 - Декември 2021

Заштитени подрачја за природата и луѓето II

Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја.

Прочитај повеќе

Високо планинските делови на заштитените подрачја во Северна Македонија се одалечени и тешко пристапни, што ги прави ретко посетени и тешки за контрола. Тие се најчесто во пограничните зони, каде пак со трансформацијата на војската и предавањето на контролата на границата од војската на полициската служба, во изминатите години, контролата е значително намалена. Управувачите на заштитените подрачја: СП „Вевчански Извори“, НП „Галичица“ и НП „Маврово“ со своите капацитети се обидуваат да го заштитат биодиверзитетот од илегални активности кои и штетат на природата но исто така се соочуваат со тешката пристапност, голема територија и недоволно средства.

Дивите видови растенија во овие региони се значаен извор на приход за локалното население, преку одржливо користење во соработка со управувачите. Нелегалното и неконтолирано собирање влијае на преискористеност, исчезнување на одредени видови и намалување на можностите за приход. Оттука се јавува потребата да проблемот со нелегалните активности во планинските предели на заштитените подрачја се истакне пред јавноста и да се побараат начини за негово решавање во рамките на локалната заедница но и на ниво на национални политики.

За таа цел во периодот од март до декември 2021 година, Натура МК во соработка со заштитените подрачја НП Галичица, НП Маврово и ЗП Вевчански извори, ќе го спроведе проектот “Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја.” во рамките на грантовата шема од проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година“ спроведуван од Светскиот див фонд Адрија - WWF Adria и финансиран од Шведската меѓународна агенција за развој и соработа - SIDA.

Во рамките на проектот ќе се постигнат четири резултати:
• Зголемена јавна свест за потребата од намалување на нелегални активности во високопланинските предели во заштитените подрачја. Активностите ќе бидат спроведени преку социјалните медиуми, за што ќе бидат изготвени информативни постови и видео со цел да јавноста се вклучи поактивно во борбата со нелегалните дејствија кои и штетат на природата.
• Подготовен извештај за состојбата со нелегалните активности кои и штетат на природата во високопланинските предели на заштитените подрачја. Извештајот ќе биде подготвен врз база на прибирање информации и земајќи ги во предвид мерките кои се користат за справување со истите, анализа на начините на кои локалната заедница може да помогне; како и препораки до донесувачите на одлуки.
• Мониторинг на заштитени подрачја преку примена на нови технологии. Мониторингот во високопланинските предели ќе се изврши со беспилотно летало - дрон. Преку ваквата активност вработените во заштитените подрачја ќе имаат можност да ги зголемат своите знаења на примен на нови технологии.
• Воспоставување на потесна соработка помеѓу волонтерите од локалната заедница и управувачите на заштитените подрачја. Преку оваа активност ќе се воспостави долгорочна соработка помеѓу локалните заедници, активистите, здруженијата на граѓани и други засегнати страни и управите на заштитените подрачја.

Било какви ставови и мислења изнесени во рамките на проектот нема да ги одразуваат ставовите и мислењата на SIDA, односно WWF.

ПРЕВЗЕМИ ИЗВЕШТАЈ
ВИДЕО

 

Октомври 2020

Био-курсеви

Во соработка со ИЕП, членови на Натура МК учествува во организација и реализација на 3 биокурсеви кои се одржаа во октомври 2020.

Прочитај повеќе

Био-курсевите bea дел од проектот “Велосипедски патеки и патеки за планински велосипедизам на планината Водно”, финанисиран од Град Скопје и Регионалниот совет за соработка од Сараево, а се спроведува од здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) и Град Скопје.

ГАЛЕРИЈА
ВИДЕО

 

Август 2020 - Јануари 2021

Национален Парк Шара

Ангажман за подобрување на управувањето со Шар Планина како нов Национален Парк во Северна Македонија.

Прочитај повеќе

Во периодот од август 2020 до јануари 2021 Натура МК спроведе активности кои придонесуваат за подобрување на управувањето со Шар Планина како нов Национален Парк во Северна Македонија. Во рамките на ангажманот беа спроведени следните активности:
• Фасилитирање на консултативните средби со критичните заинтересирани страни;
• Следење на Рурални форуми;
• Претставување на процесот за подготовка на менаџмент план на Јавната расправа по предлог закон за прогласување на Национален Парк Шар Планина;
• Подготовка на планот за активности за изработка на Менаџмент план;
• Ревидирање на предложените граници и зонирање на истото предлог подрачје;
• Во соработката со IUCN учествуваше во директна комуникација со сите заинтересирани страни на сите нивоа во регионот на Шар Планина.

Во насока на добро управување со локалните ресурси оваа иницијатива се стреми да придонесе кон креирање соработката помеѓу локалните чинители и идната управа на националниот парк. Проектна активност се имплементира во рамки на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање за користење на земјиштето”. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), се спроведува преку Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), додека партнер во спроведувањето на оваа проектна активност се IUCN и Натура МК.

 

2020

Вмрежување на натура мк

Во 2020 година Натура МК стана членка на две мрежи.

Прочитај повеќе

Коалицијата за клима, формирана од граѓански организации кои работат на едукација и информирање за овие теми со цел зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуки и мониторирање на спроведувањето на истите.

Потпиша меморандум за соработка и поддршка на неформалната група на здруженија на граѓани „Пријателите на Шара“. Натура МК се обврза дека со сите свои капацитети ќе придонесе да во што поскора иднина ја видиме Шар Планина како национален парк.

 

Февруари 2019 - Септември 2019

Осети природа - иницијатива за луѓе со оштетен вид

Кампања во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, финансиран од Европската Унија.

Прочитај повеќе

Во периодот од февруари до септември 2019г. Натура МК ја спроведе кампањата „Осети природа“. Целта на оваа кампања беше да се влијае врз јавната перцепција кон лицата со оштетен вид преку создавање позитивни примери за надминување на попреченостите и нивна промоција. Активностите во кампањата се однесуваат на поголема инклузија на слепите и слабовидните лица во активности кои се одвиваат на планина. Иновативен момент во кампањата е што слепите лица ќе излезат од стереотипите на урбаното живеење и ќе имаат можност да зачекорат и уживаат во природата со сите сетила.

Во рамките на капањата беа спроведени следните активности:
• Одржани 3 обуки за водичи со лица со оштетен вид на кои беа обучени 8 планинари;
• Реализирани 5 искачувања и прошетки во природа со лицата со оштетен вид на територија на Република Северна Македонија.
• Продуцирани материјали: 3 видеа, медиумски објави и споделување на кампањата преку социјални медиуми;

Кампањата “Осети природа” - иницијатива за луѓе со оштетен вид е дел од Проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, финансиран од Европската Унија во кој партнери се Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија

Капањата продолжува и вон рамките на проектот, секоја последна сабота во месецот во организација на група ентузијасти од Натура МК и неколку  лица со оштетен вид од Скопје. Како што би рекла Хелен Келер, “Животот е смела авантура или ништо. Сами можеме многу малку но заедно можеме многу”. На следното патување, ги повикуваме сите кои сакаат да подадат рака и се надеваме дека ова доживување ќе мотивира повеќе лица со оштетен вид да излезат и ја почувствуваат природата.

ГАЛЕРИЈА
ВИДЕО

 

Ноември 2018

патека за деца во зоо скопје

Тимот на Натура МК комплетно ја реконструираше шумската патека за деца на нова локација во ЗОО Скопје.

ГАЛЕРИЈА

 

Април 2018

Македонија без отпад

Натура МК активно ја поддржа акцијата за чистење на езерото Козјак - да го вратиме езерото Козјак на природата!

Прочитај повеќе

На 22 април, по повод одбележувањето на Денот на Планетата Земја, Министерството за животна средина и просторно планирање, здруженијата „Гоу Грин“ и „ЦНВП Македонија” ќе спроведат акција за чистење на езерото Козјак. Во акцијата се приклучуваат бројни државни институции, општина Македонски Брод со јавното комунално претпријатие, природниот резерват ЈП Јасен, Асоцијацијата на колективни постапувачи со отпад, бројни невладини организации, спортисти (кајакари, нуркачи, планинари) и претставници на дипломатски кор. Секако поканети се и сите заинтересирани љубители на чистата животна средина да ни се приклучат во оваа еколошка акција. Центарални пунктови има во с. Здуње и с. Близанско. Ќе се чистат локации околу двата централни пункта. За пристап до посочените локации постои посебен возен режим. Регуларниот возен режим е од 6:30-9:00 во правец кон локациите и од 16:00-18:30 кон Скопје. Акцијата ќе трае од 11:00 до 15:00 часот. За учесниците се обезбедени ракавици, вода и сендвич.

ГАЛЕРИЈА

 

2017

природа без граници

Организација на планинарска тура во Македонија со слепи лица и лица со оштетен вид, во соработка со RideMK.

Прочитај повеќе

Турата беше изведена јуни 2017 година, со 25 пријатели од Израел. Третина од нив беа слепи и рака под рака со останатите се искачија на врвови над 2.000м низ трите наши Национални Паркови. Поминавме повеќе од 50км по Македонските планини и во 3 последователни дена по сонце и дожд ги искачивме Меденица (2.163м), Магаро (2.255м), а по бескрајните камени реки и Пелистер (2.601м). Само на Пелистер искачивме 1.300м висинска разлика и пешачевме 12 часа. Гледаш и не им веруваш на своите очи, а си сведок дека овие луѓе не гледаа, а веруваа!
До сега во Македонија не е направена ваква тура но ние верувавме и го прифативме предизвикот. Пред да тргнам колегите не прашуваа “а зошто воопшто одат кога неможат да видат ништо од врвот?”. Одговорот не ни беше конкретен но длабоко во себе знаевме дека мора да имаат добра причина. Сега ни е се многу појасно. Ние гледаме и поради предрасудите не веруваме, а овие луѓе не гледаат но имаат силна верба. Под секој врв им ја подигнувавме главата да го замислат барем аголот на патеката пред нив. Да можевме ќе им ги позајмевме очите да видат каде успеаа да се искачат. Да планинариш со вакво друштво е неповторлино доживување и во ниеден момент немаш право да се пожалиш бидејќи од старт си во предност. Секој од нас имаше свој врв, внатрешна борба, но и задоволство на крајот од денот, а нашето задоволство беше да ги видиме нивните солзи радосници. Турата беше специјална во полна смисла на зборот. Секој ден полн со куп емоции, а планината ни помогна сите да се вратиме како подобри луѓе. Оние кои беа слепи поради еднаквиот третман и можноста да бидат дел од тимот, а другите затоа што доброто што го правиш се враќа многукратно!

ГАЛЕРИЈА
ВИДЕО

 

2016 - 2017

ЕКО АВАНТУРИ

Соработка со Еко Свест во проект за заштита на Националните Паркови во Македонија.

Прочитај повеќе

Како дополнување на решението за оддржлив развој на НП Маврово и Галичица, беа изработени мапи за еко авантури во Националните Паркови Галичица и Маврово, а подоцна и за Мариовскиот регион. Истите нудат активности за активен туризам преку целата година без нарушување на исклучителните природни вредности во овие национални паркови. Еко турите и мапите во електронска форма можете да ги погледнете на сајтот ЕкоАвантури, или во галеријата. Поддржано од Heinrich Boll Stiftung, Ohrid SOS, Etnar, Save the Blue Heart of Europe, Mava, Euronatur, RiverWatch, Front 21|42.

ГАЛЕРИЈА

ПАРТНЕРИ И ПРИЈАТЕЛИ




КОНТАКТ И СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ


Здружение на граѓани НАТУРА МК
бул. Видое Смилевски Бато 39/26, 1000 Скопје
+
contact@naturamk.org


Пополнете ја формата и испратете ни порака

Ви благодариме. Вашата порака беше испратена.

Facebook

Linkedin

Youtube

Instagram

НАТУРА МК

© 2018 Bootstrap HTML Template by WowThemes.net